5. Видови алатки за онлајн учење
Различните курсеви користат различни алатки, но постојат многу сличности меѓу нив. Очекувајте дека ќе ги сретнете, ако не сите, повеќето од овие видови алатки за онлајн учење.
5.1. Платформи за менаџирање на учењето
Најважното нешто што треба да го имате за да реализирате онлајн курс е силна платформа за учење. Многу институции користат такви платформи, дури и за наставата со физичко присуство, бидејќи тие претставуваат одличен начин за споделување ресурсии и прикачување документи. Програмите како што е Canvas им овозможуваат на наставниците да прикачуваат датотеки, да организираат дискусии, да праќаат потсетувања, и да добиваат домашни работи. Во идеален случај, платформата треба да има можност да се користи и од телефон бидејќи многу ученици ќе ја искористат оваа опција.
Веројатно најкористената LMS платформа е “Modular Object-Oriented Dynamic Learning Environment” (Moodle). Отворениот софтвер за е-учење Moodle е систем за менаџирање курсеви (CMS) – софтвер дизајниран да им помогне на наставниците да креираат квалитетни онлајн курсеви и да ги менаџираат резултатите на учениците. Ваквите системи за онлајн учење понекогаш ги нарекуваат системи за менаџирање на учењето – Learning Management Systems (LMS), виртуелни средини за учење – Virtual Learning Environments (VLE) и системи за менаџирање на наставната содржина – Learning Content Management Systems (LCMS). На учениците им е потребен само прелистувач (на пример, IE, Firefox, Safari) за да учествуваат во курс на Moodle. Постојат многу материјали кои можат да ви помогнат да го совладате Moodle, но најпрвин можете да ја посетите официјалната страница.
https://moodle.com/. За да учествувате во курс треба да одите на https://moodle.academy/ .
5.2. Можности со видео конференции
Ако вашиот курс вклучува каков било вид дискусија, семинар или сесии еден на еден, тогаш треба да сте сигурни дека имате добри решенија за видео конференции. Важно е да проверите каква функционалност сакате – дали сакате автоматски титлови, соби за работа во групи и можност за рачно исклучување на звукот на луѓето? Безбедноста е исто така многу важна, бидејќи не сакате податоците на вашите ученици да бидат загрозени или да ги прекинат вашите состаноци. Вреди да се инвестира во соодветен хардвер (добро осветлување, добра камера) за да бидете сигурни дека ќе изгледате најдобро и во видео повиците.
5.3. Апликации за праќање пораки
Не секој учител ќе сака да инвестира во апликација за пораки, особено оние што се потпираат на е-пошта, но вреди да се размисли. Ова е особено корисно ако сакате да поттикнете асинхрона комуникација помеѓу соучениците бидејќи апликацијата за пораки овозможува дискусиите да се одвиваат во текот на целиот ден. Овие апликации се корисни кога може да се вградат директно во платформата за учење.
5.4. Алатки за дизајн и за презентации
Нема многу наставници кои сакаат да дизајнираат свои ресурси, меѓутоа има и такви кои го прават тоа. Пристапот до добри алатки за дизајн е одличен начин да избегнете испраќање на десетици црно-бели текстуални документи, наместо да користите инфографика и работни листови. Пакетите за презентации се корисни и овде, особено за оние кои претпочитаат да споделуваат слајдови наместо снимки на кои тие самите зборуваат.
5.5. Интерактивни активности
Ова е инклузивна категорија и малку се поклопува со следната. Иако тие се корисни за сите форми на онлајн учење, најдобри се за помладите ученици кои не се подготвени да седат и да слушаат обемни предавања. Тука спаѓаат:
- Квизови
- Игри
- Практични проекти (на пример, проекти за кодирање)
- Симулации
- Апликации за виртуелна реалност
- Текстови за паралелно читање
5.6. Збирки со ресурси
На некој начин, интерактивните активности како оние погоре се подгрупа на оваа категорија – збирки на ресурси. Токму како што звучи, ова е избрана збирка на ресурси што можете или да ги користите како дел од лекцијата или да обезбедите пристап до нив за понатамошно читање и домашна работа. Релевантните ресурси вклучуваат:
- Едукативни видеа и анимации
- Аудио книги
- Текстови со слободен пристап
- Збирки со списанија
- Работни листови
- Мултимедијални постери
- Материјали за печатење
- Онлајн материјали за учење какоStuDocu
Исто како што би ги имале при рака овие ресурси во училницата, имањето збирки ресурси кои можете да ги користите од дома го олеснува учењето преку Интернет и значи дека има помал притисок врз наставниците да создадат сè од нула.
5.7. Содржини за споделување
Ако има специфични ресурси до кои сакате да пристапат вашите ученици, а кои обично не се хостирани на интернет – можеби висококвалитетно поглавје од книга за скенирање или видео снимено самостојно – тогаш ви треба некој начин да го споделите со нив. Наместо рачно да го испраќате на секого преку е-пошта, платформите за складирање во облак ви дозволуваат да го прикачите, а потоа учениците можат да го преземат по потреба.
Дури и со платформите за менаџирање на учењето, може да има ограничувања на датотеки, па можеби вреди да се инвестира во посебно решение за складирање ако планирате да споделувате многу работи.
5.8. Алатки за снимање.
Претходно снимените предавања бараат различен сет на алатки за видео конференции. Ако сакате да се снимате себеси, ќе ви треба камера (иако вградената веб-камера може да заврши работа доколку е потребно), како и софтвер за снимање и уредување на датотеките. Ако сакате да имате аудио заедно со презентацијата, ќе ви треба софтвер за снимање аудио и алатки за уредување.
Да се разбере сево ова може да биде предизвик, особено со пандемијата „Ковид-19“ што ги принудува наставниците многу брзо да се прилагодат на учењето преку Интернет. Секогаш вреди да се види дали можете да најдете (или во идеален случај, да ви се обезбеди) обука за да ги подобрите овие нови вештини.
5.9. Практична проценка
Одговорете си на овие прашања:
- Дали планирате да користите квизови како алатка за оценување?
- Дали планирате да барате од учениците да ги праќаат своите домашни?
- Дали планирате да користите видеа направени од вас или вашите ученици?
- Дали ви е потребно да ги оценувате вашите ученици и да им давате повратна информација за нивните задачи?
- Како ги менаџирате практичните проекти (рачна работа, кодирање, стручни вештини?)
Кога ќе бирате платформа, земети ги предвид одговорите на овие прашања!